Промоција на романот „Лебед“ од Ана Стојаноска

На првиот ден од Саемот на книгата, промовиран ќе биде третиот роман на авторката Ана Стојановска. Стојаноска е театролог и професорка на Факултетот за драмски уметности, а воедно и поетеса и писателка. Промоцијата на романот ќе се случи денес, на 8 септември на Саемот на книга, со почеток во 20 часот. „Лебед“ е издаден од страна на издавачката куќа „Полица“, а романот ќе го промовираат професорките Јелена Лужина и Лидија Капушевска Дракулевска.

Театрологот Лужина, која е професорка во пензија и есеистка, во својата рецензија вели дека тематиката на романот е вљубувањето,  со што го поставува прашањето „Има ли љубов во ова наше време“?

„Умееме ли, сè уште, автентично да се вљубуваме? Онака романтично, како во романите или како во театарските мелодрами (авторката под носот ни го поттура најбизарниот мелодрамски пример на сите времиња, балетот Лебедово езеро)? Или, пак, се вљубуваме импулсивно, та божемски, од немајкаде, да го поминеме редот, поради осаменост, очајание, депресија, здодевност, страв од неуспех… На едно место во книгата – некаде во последната третина – неизбежно се сопнува на реченицата што ги релативизира сите љубовни, љубовнички и љубовџиски контексти „како такви“; во што, всушност, се вљубуваме: во некое човечко суштество или во самата идеја на љубовта ‘како таква’…“, пишува Лужина.

Професорката и теоретичарка на литературата Лидија Капушевска Дракулевска, пак, во својата рецензија го обработува прашањето „Каде е границата меѓу животот и уметноста?“.

„Колку едното го определува другото, и обратно?! Како да се хармонизираат духовното и телесното, умеењето и страста?! Овие и многу други дилеми се отвораат пред авторката, но и пред читателот на ракописот ‘Лебед’. Умешната нарација, проблематизирањето на секогаш актуелниот феномен на уметноста, а особено на психолошката димензија на ликот на еден уметник, како и актуализацијата на сензитивните општествени појави и поставувањето на сцена на најранливите категории луѓе, повеќекратно маргинализирани и стигматизирани, се несомнено доминантни квалитети со кои се одликува ракописот „Лебед“ на Стојаноска. Романот дава придонес и ја збогатува традицијата на ‘женското писмо’ кај нас“, пишува Капушевска Дракулевска.