Промоција на книгата „Систем на сетилности“ од Елизабета Костадиновска Линднер во КИЦ-Скопје

На 26 септември со почетоко во 19:19 часот во Културно информативниот центар – Скопје ќе биде промовирана збирката раскази „Систем на сетилности“ од Елизабета Костадиновска Линднер во издание на „Антолог“.

Книгата ќе ја промовира Радмила Ванкоска, а извадоци од книгата ќе чита авторката.

 „Систем на сетилности“ e збирка раскази која опфаќа тринаесет текстови. Овој „систем“ се протега низ повеќе од дваесет и пет години и се менува во настанакот, темите, стилот и изворниот јазик (македонски-германски) на текстовите.

„Нараторот се менува, некогаш е прво, некогаш трето лице, а она што преовладува е меланхолично расположение, „сетилности“, вљубеност, чувства, доживувања, како во расказите: „La folie“, „Сеќавање на времето кога дрвјата абортираа гранки“, „Суровоста на љубовното постоење“, „Приказна што остава без здив или Сценарио за еден здив“. Друг дел од текстовите се општествено критички со видна доза на иронија, директност и хумор: „Мизантропија денес!“, „Кршливата иднина на една порцеланска фигура“, „Сениште со маска“. Сè на сè, „Систем на сетилности“ е книга што во препознатливиот стил на Елизабета Линднер Костадиновска прави моќен книжевен засек во сетилниот и менталниот систем на читателот“, стои во освртот на Александра Димитрова.

Елизабета Костадиновска Линднер е двојазична авторка (македонски и германски), повеќејазична поетеса, интердисциплинарна уметница, мултимедијален изведувач на поетски и експериментални перфоманси. Уредник на онлајн-списание и книжевни изданија, преведувач, куратор, уметнички директор и издавач, живее и работи во Берлин од 2006 година.

Родена во Скопје, Македонија, дипломирала германски јазик и книжевност и славистика во Скопје и магистрирала во Регенсбург . Од германски на македонски превела триесетина книги проза (Т. Бернхард, Петер Хандке, Вилхелм Генацино…) и поезија (Р.М. Рилке, П. Целан, Јурген Ненѕа…), и за својата преведувачка дејност има добиено неколку награди (Григор Прличев) и признанија, како и бројни стипендии и резиденции. Пишува (и преведува) поезија на три јазика, пишува есеи, раскази и критички размисли на македонски и германски јазик и сама ги преведува своите дела.

Настанот е дел од културна понуда на Град Скопје Европска престолнина на културата 2028.