„Еко-дете“, „Дизајн за сите од отпадни материјали“ и „Гаџун -лек за кралевите и крал на лековите“ се идеите со кои ќе се претставиме на регионалниот натпревар на кој наградата е поддршка од 10 000 долари.
Македонските финалисти Јасмина Главинчевска, Марија Митевска и Кристина Тодорова се победниците на натпреварот за зелени бизнис идеи, во организација на здружението „АРНО“.
Вкупно 11 зелени идеи се натпреваруваа за пласман во македонското финале. Финалистите се преставија со идеи за бизниси кои имаат економска логика, позитивно влијание врз природата и заедниците и елемент на иновација.
Покрај победничките идеи, македонските граѓани се натпреваруваа со идеи за редизајн на велосипеди, мобилна апликација –игра за мапирање на отпад, природен сапун од козјо млеко, иновација во системот за наводнување -Dropsaver, брендирани млади органски салати, продавничка за рефус производи, пчеларска кооператива за органски мед и восок, услуги за боење облека со природни бои.
„Оваа година сакаме да ви раскажеме една зелена приказна. Приказната е за човекот кој го живее својот зелен македонски ден. Замислете утро. Се будите и се освежувате со туш –бањајќи се со органски сапун од козјо млеко (идеја на Марјан и Малинка Стојневи „100% природен сапун од козјо млеко“). Освежени од овој дар од природата, ја облекувате својата омилена жолта маица од органски памук, избоена природно, со лушпи од кромид (Ванчо Атанасовски „Облека со боја на виножито “). За добар почеток на денот каснувате една лажичка органски мед, квалитетен и чист , изработен од „Пчеларска кооператива- Медо од зелената воденица“ (Кукутанов Михаил). Заминувате на работа со својот стар, но шик ју велосипед (Татјана и Вардан Блажевски „Реупотреба на стари велосипеди“). По пат гледате корпа преполна ѓубре и се ужаснувате од глетката. Посегнувате по мобилниот телефон и аппликацијата Bin Go/ Бин Го (Марко Угарковиќ). Знаете дека со овој потег, некој сигурно ќе реагира. Денот одамна врви и време е за ручек. Од локалниот супермаркет купувате органска дива рукола од еко-пакување (Милица и Васил Петрушевски –Аквапоника „Брендирани млади органски салати“). Помислувате на природата, и колку вода се заштедило благодарение на „DROPSAVER( (Irristabilaiser) помагач во системот за наводнување,капка по капка, во земјоделието“-Весна Пешевска Ѓекиќ -Дизајнпро„). Продолжувате со својата агенда и за крајот од работниот ден земате лажичка гаџун кој ви дава сила и со својот сладок вкус ве наградува за напорниот ден ( „ Гаџун -лек за кралевите и крал на лековите“ , Кристина Тодорова -Ековита ).
На патот накај дома застанувате да купите подарок за детски роденден. Се одлучувате за колекцијата „Еко-дете“(Јасмина Главинчевска –Визарт). Комплет од керамичка саксија, роденденска картичка со семчиња за садење, сложувалка и книга. Среќно заминувате дома, а за вечера се одлучувате да пазарите во локалната продавничка за рефус производи „Grams/ Грамс ” (Мила Кузмановска и Хелена Андонова). Среќни со полните теглички и платнени торбички, заминувате. По долгиот ден, се решавате за одмор и легнувате на меката перница полнета со текстилен отпад , и шарената постелнина од различни ткаенини („ Zero waste Designs for All “ (Марија Митевска –Пинк Суппорт). Денот може да заврши. А ние може да ги отвориме очите и да речеме да- за сите овие зелени бизниси кои треба да се наша реалност и наше вистинско секојдневие“, изјави Ирина Јаневска, Координатор на проектот.
Тројцата победници на национално ниво добиваат награда – вредносен ваучер за консултантски услуги, доделен од „МКА2000“.