Прогласени победниците на 9. Скопје Постер Фестивал

Мигел Ангел Рангел од Мексико и Река Немеди Варга од Унгарија се добитници на двете главни награди на овогодинешниот Скопје Постер Фестивал, кој синоќа беше свечено отворен со доделувањето во Музеј на Град Скопје.

Повторно по 4 години Скопје Постер Фестивал, пред многу бројната публика ги претстави победниците на овогодинешното девето издание во просторите на Музеј на Град Скопје.

Тема на овогодинешниот конкурс беше „Криза на идентитет“, која организаторите сметаат дека е актуелна во целиот свет, а тоа го покажала и бројката од 33 % зголемување на пристигнати дела во однос на минатите години, како и разноликоста на учесниците.

„Делата од сите континенти  се доказ за големиот интерес за темата и овој вид на уметност“, рече Гере Трипков, организатор на настанот и претседател на Здружението „ПлакАрт“.

Жири комисијата составена од пет меѓународни судии Мишел Буве (Франција), Фонс Хикман (Германија), Фин Нигард (Данска), Ришард Каја (Полска) и Тони Васиќ (Македонија) по четири часовно жирирање ги додели 10-те награди: две главни награди од ист ранг, 2 специјални награди и 6 почесни награди.

Претседателот на комисијата Тони Васиќ пред присутните ги претстави добитници на награди од ист ранг: Мигуел Ангел Рангел, Универзитет во Сан Луис Потоси од Мексико и Река Немеди Варга од Метрополитен Универзитет – Будимпешта, Унгарија.

Двете специјални награди од жири комисијата беа доделени на Шујун Лиу, Ксиамен Универзитет, Тан Ках Ки Колеџ, Кина и Дикле Јилдирим, Докуз Универзитет, Турција.

Почесни признанија добија Јуниј / Зежун Шан / Уанг, Мериленд Институт – Колеџ за уметност од САД, Кајли Димик, Пратт Школа за дизајн од САД, Лазар Митровиќ, Факултет за филологија и уметност од Србија, Инес Филипа да Коста Пимента Кардосо, Школо за убави уметности и дизајн од Португалија,       Никола Марфи, Универзитет од Болтон, Обединето Кралство и Карол Шчепанкиевич, Универзитет Никола Коперник од Полска.

Фестивалските денови продолжуваат со презентации и работилници од светски реномираните предавачи, чии дела се наоѓаат по светските музеи, на теми  „Македонија како туристичка дестинација“, „Дизајнирај влијателен социјален плакат“, „Плакат, уметност од улицата“ и „Дизајнирање постер за џез настан“ се наменети за сите студенти и професионалци дизајнери.

Изложбата на плакати во Музеј на Град Скопје ќе биде поставена до 30ти Ноември. Повеќе информации за 9-тиот Скопје Постер фестивал на официјалната веб страна.