Проекција на победничките филмови на Филозофски филмски фестивал

Традиционално во месец мај Филозофскиот филмски фестивал организира две проекции во Кинотека на Македонија на кои ќе бидат прикажани победничките филмови во присуство на режисерите. Првата проекција на филмот „Граѓанинот“ на режисерот Роналд Враник ќе се одржи вечерва во 21:30 часот. Втората проекција е најавена за недела , 13 мај, кога ќе биде прикажан филмот „Крај мене“, на режисерот Теди Некула.

Љубителите на филм-философијата ќе имаат ретка можност за средба со добитниците на наградата „Златен був“ во конкуренција на долгометражни филмови од жирито и од публиката. Проекциите се бесплатни, а по прикажувањето на филмовите се предвидени модерирани разговори со гостите во коишто ќе може да се вклучи и присутната публика.

„Граѓанинот“ на Роланд Враник е најдобар долгометражен филм според жирито на ФФФ 2018. Вилсон е Африканец кој живее во Будимпешта. Дошол во Унгарија како политички бегалец и сака да стане унгарски државјанин, но неколку пати по ред не успева во тоа. Граѓнинот го отвора прашањето за местото и статусот на поединецот – граѓанин во една земја (матична или туѓа) или во светот воопшто.

„Крај мене“, на Теди Некула е најдобар долгометражен филм според публиката на ФФФ 2018.  Подземната железница во Букурешт е блокирана во утринските часови, само еден ден по ужасниот пожар во еден од ноќните клубови на главниот град со голем број починати или поврдени млади луѓе. Овој инспиративен филм на младиот романски режисер Теди Некула, на кој истовремено може да се гледа и како на социјален експеримент, претставува алегориска приказна за самиот свет и за односите во него.

Филозофскиот Филмски Фестивал е организиран од Филозофското друштво на Македонија. Специјалните проекции се реализираат со поддршка на Агенцијата за филм на Република Македонија.