Проекција на „Election night“ и дебата за изборите утре во Битола

Краткиот дански филм „Election Night“ (Изборна ноќ), утре во 19 часот ќе се прикаже во малата сала на Центарот за култура во Битола, во организација на Дебатното кино Контра Кадар. По проекцијата ќе има и дискусија за изборниот процес.

Филмот прикажува млад идеалист кој, во одреден момент, сфаќа дека заборавил да гласа. На патот кон гласачкото место, среќава таксисти со расистички убедувања, па пред него се појавува дилема, што да прави со својот глас и каде тој да заврши.

„По филмот, ќе се дискутира за правото на глас, деконструирање на митовите за тајноста на гласањето односно дали навистина постојат начини за проверка кој за кого гласал или пак е само суптилна пропангада за ширење на параноја и механизам за контрола преку сеење на страв“, најавуваат организаторите.

Како гости се најавени претставници од Државната изборна комисија, а влезот на проекцијата е бесплатен.