Приврзок поврзан со Ана Франк пронајден при ископување на концентрациски камп

Археолозите открија многу артефакти кои некогаш припаѓале на жртвите од Холокаустот при истражување на локацијата во Собибор, поранешен нацистички концентрациски камп во источна Полска. Меѓу нив и приврзок кој веројатно припаѓал на Ана Франк, девојката која нејзините трагични доживувања од тој период, ги забележувала во познатиот дневник.

Истражувачите веруваат дека ја пронашле зградата каде жртвите се соблекувале и каде нивните глави биле бричени, пред да бидат испратени во гасните комори, пишува во соопштението кое го објави Израелскиот музеј на Холокаустот „Јад Вашем“.

Тие ги предводат ископувањата со помош на Израелските власти за антиквитети уште од 2007 година.

Помеѓу разните предмети пронајдени минатата есен, во соопштението се наведува и „уникатен приврзок, кој веројатно пришаѓал на дете од Франкфурт родено на 3-ти јули 1929 година“. На едната страна стојат зборовите „Мазал Тов“ на хебрејски јазик, додека на другата страна ја има буквата „ה“, која значи Бог, заедно со трите Давидови ѕвезди.

Експертите од „Јад Вашем“ утврдиле дека единствениот ваков сличен приврзок, за кој се знае, бил на Ана Франк, додека овој можеби припаѓал на девојка со име Каролин Кон, која била депортирана од Франкфурт во Минск, Белорусија во 1941 година. Франк, исто така била родена во Франкфурт, што ја прави можна поврзницата меѓу овие две семејства.

„Иако не се знае дали Кон преживеала во ужасните услови во гетото во Минск, нејзиниот приврзок стигнал до Собибор во периодот помеѓу ноември 1941 и септември 1943, кога гетото било затворено, а две илјади затвореници Евреи биле депортирани во камповите за смрт. Таму, на патот до гасните комори на Собибор, приврзокот кој и припаѓал на 14-годишната Каролин Кон бил одземен, фрлен и останал закопан под земјата 70 години“, стои во соопштението.

Собибор е еден од неколкуте кампови на смртта на нацистите – каде Евреите биле праќани исклучиво за да бидат уништени. Бил отворен нешто повеќе од една година – од март 1942 до октомври 1943 и таму умреле 165 илјади Евреи. Нацистите подоцна го затвориле кампот и се обиделе да ја избришат секоја трага од него.

Експерите се обидуваат да стапат во контакт со роднини на Кон за дополнителни информации, стои во соопштението.