Пријави локална иницијатива и „мрдни со прст“

Кампањата „Мрдни со прст“, позната по големиот број на спроведени локални иницијативи, ги охрабрува граѓаните да предложуваат нови идеи.

Основни карактеристики што треба да ги има секоја иницијатива се – да го подобри животот и/или околината во која живее. Важно е секоја иницијатива да може да биде едноставно спроведена во соодветен и практичен временски рок, преку активно вклучување на локалната заедница и без потреба од огромни парични средства. Потребно е предлозите да бидат креативни, несложени и со граѓански дух.

Како за пример, досега се одржаа неколку такви акции меѓу кои и онаа кога 20 млади волонтери заедно обоија и поставија 33 корпи за отпадоци во центарот на Струга, кога Сојузот на извидници на Македонија и 20 волонтери го создадоа Младинскиот центар „Крикни“ во Пржино, кога оштетениот ѕид во О.У. Ѓорѓи Сугарев во Битола беше обоен и игралиштето беше опремено со потребна опрема, кога беше создадено првото кино во општина Вратница, или онаа акција кога 55 извидници учествуваа во изградбата на нови објекти за Извидничкиот центар во Чашка.

За да се предложи идеја потребно е да се пополни концептот за иницијативи и да се испрати на applications@nms.org.mk, најдоцна до 20 август 2017.

Овој повик за иницијативи во рамки на кампањата го спроведува Национален младински совет на Македонија

Секретаријатот на НМСМ го задржува правото да ги информира исклучиво иницијативите кои ќе влезат во потесниот круг на селекција. Исто така, ве охрабрува апликациите да се пополнат на англиски јазик.