Преку 90 студенти уапсени од иранските власти по протестите

Над 90 студенти се наоѓаат меѓу повеќе од 1.000 лица кои се уапсени во немирите во Иран, соопштил иранскиот пратеник Махмуд Садеги. Според него поголемиот дел од нив биле уапсени во своите домови и воопшто не ни биле вмешани во анти-владините протести кои започнаа минатиот месец.

Садеги, кој е избран како претставник на Техеран, е цитиран од иранска студентска новинска агенција како вели: „Вкупниот број на приведени е околу 90. Десет студенти од универзитетите во Техеран и другите од останатите градови се во неизвесна ситуација… се уште не е познато која институција ги има приведено“.

Според друг пратеник, Фарид Мусави, студентите се превентивно притворени и набрзо ќе бидат ослободени.

Потпретседателот на Универзитетот во Техеран, каде имало немири претходниве денови, изјавил дека е формиран комитет кој ќе следи што ќе се случува со уапсените студенти.

„Нашите напори во универзитетот се насочени кон соработка со релевантните институции за да се создадат услови за враќање на притворените студенти на универзитетот и кај нивните семејства во што е можно пократок период“, изјавил Маџид Сарсанги, за студентската агенција.

Најмалку 21 лице загинаа во демонстрациите, кои избувнаа низ Иран поради лошата економска ситуација во земјата. Предводникот на Иранската револуционерна гарда во средата прогласил победа побуната, како што ги опишал протестите.

Но, и покрај ова, во повеќе градови преку ноќта биле забележани нови протести. Според агенцијата Ројтерс, која цитира локални жители, протестите сепак изгубиле на интензитет откако во повеќе провинции биле испратени револуционерните гардисти.

Протестите, кои се најголеми во земјата по оспорувањето на претседателските избори во 2009 година, првично започнаа поради покачување на цените и во револт од корупцијата во земјата, но постепено прераснаа во широко анти-владино незадоволство.