Повик за стипендии на Европскиот форум Алпбах

Во тек е повик за аплицирање за стипендии на Европскиот форум Алпбах кој ќе се одржи од 15 до 31 август 2018 во Алпбах, Австрија. Програмата за стипендии е отворена за 700 студенти и млади луѓе од осумдесетина држави, меѓу кои и Македонија.

Со стипендиската програма на Европската мрежа Алпбах, млади луѓе под 30 -годишна возраст можат да учествуваат на оваа интердисциплинарна конференција која нуди и различни академски семинари. Основната стипендија ја покрива партиципацијата за учество на сите настани во рамки на Форумот. Со стипендијата се покриваат и трошоците за престој, а се обезбедува и дневен надоместок во рамки на престојот.

Повикот е отворен до 30 март 2018, на полноќ. Сите информации може да ги прочитате ОВДЕ.

„Европскиот Форум Алпбах ми го промени животот во секоја смисла. Се пријавив во 2009 со една цел, да учествувам на натпреварот во јавно говорење на форумот со околу 4.000 учесници од преку 70 земји. Подготвувајќи го говорот во два дена, воден од размислувањата во нашето општество, си помислив ‘Ќе ги искритикувам во лице, па макар никогаш веќе да не ми дадат европска стипендија’. И…освоив прво место! Тогаш научив дека критиката е основа за напредок, а не нешто што треба да го цензурираме“, раскажува Мирослав Драганов, корисник на ваква стипендија.