Поради сиромаштија се повеќе Авганистанци ги продаваат своите органи

Повеќе од половина од населението во Авганистан или 23 милиони луѓе немаат пристап до доволно храна, а со се поголемата сиромаштија во земјата, процесот на продажба на органи е се потешко да се успори. Многу Авганистанци со години се борат со голема сиромаштија и често одлучуваат да ги продадат своите органи за да ги прехранат своите семејства, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

Откако талибанците ја презедоа власта, доставувањето на меѓународна помош беше прекинато, а животот на Авганистанците дополнително беше отежнат поради зимата.

Во Шехр-и Себз, на околу 20 километри од центарот Херат, во последните неколку години имаше суша, а судирите помеѓу талибанците и претходната администрација дополнително го отежнаа животот на луѓето во ова подрачје. Многумина од нив избегаа од Багдис, Фарах, Гора и други области и сега се обидуваат да преживеат во многу сурови зимски услови.

Во куќите направени од кал нема струја, вода, ниту греење. Многу од нив немаат никаква печка, а оние што ја имаат, немаат огревно дрво, туку согоруваат пластика.

Многу жители на областа рекоа дека се присилени да ги продадат децата, но и бубрезите. На прашањето што јадевте денеска, повеќето одговориле „чај и сув леб“. Мештаните се жалат дека нема работа за заработка. Многу деца, но и постари лица питачат или собираат пластика и хартија. Населението заработува најмногу од 0.5 до еден долар дневно.

Многу Авганистанци кои сакаат да ги продадат своите бубрези одат во близина на болниците и бараат пациенти на кои им е потребен орган. Доктор Хошал Туфан кој работи во оддел за дијализа во болница во Кабул изјави дека често им приоѓаат луѓе кои сакаат да ги продадат органите.

„Многу луѓе ни се обраќаат бидејќи сакаат да продадат бубрег, но ги враќаме затоа што не правиме трансплантации“, рече Хошал.

Продажбата на бубрези во Авганистан доби алармантни размери. Херат и Кабул се меѓу центрите кога станува збор за трговијата со бубрези. Во двете провинции има приватни болници каде што е можна трансплантација. Поради тоа многу луѓе од соседните држави доаѓаат т ука во потрага по органи, вклучувајќи ги Иран и Туркменистан.

Поради тоа што трансплантацијата на бубрези стана начин на трговија претходната администрација, особено во последните две години презеде голем број активности за да се спречи трговијата со органи.

Меѓународната организација на трудот соопшти дека по преземањето на власта од талибанците, во Авганистан без работа останале околу 500.000 луѓе, а тој број до средината на 2022 година би можел да достигне и до 900.000 луѓе.