„Оданочете нè сега“ – Милионери од светот побараа повисоки даноци за надминување на нееднаквоста

Повеќе од сто луѓе кои се меѓу најбогатите во светот ги повикаа владите да им воведат поголеми даноци со цел да се помогне во финансирање на мерките против пандемијата и справување со јазот помеѓу богатите и сиромашните.

Групата од 102 милионери и милијардери, во кои е и наследничката на Дизни, Абигејл Дизни, велат дека моменталниот даночен систем е наместен во нивна корист и дека потребно е да се промени со цел да се направи оданочувањето пофер и луѓето кои напорно работат да ја вратат довербата во политиката.

„Како милионери знаеме дека сегашниот даночен систем не е фер. Најголемиот дел од нас, во време кога светот поминуваше низ огромни тешкотии последниве две години, всушност го зголемија богатството за време на пандемијата. Сепак, малку од нас можат искрено да кажат дека плаќаме соодветно ниво на данок“, пишува во заедничкото отворено писмо објавено вчера.

Супер-богатите потписници, кои се нарекуваат себеси „патриотски милионери“, повикуваат на воведување „перманентни даноци на богатство за најбогатите за да се намали екстремната нееднаквост и да се подигнат приходите на одржливо долгорочно ниво во јавните сектори, како здравството.

„Враќањето на довербата бара оданочување на богатите. Светот, секоја земја во него, мора да бара богатите да плаќаат соодветно ниво на даноци. Оданочете нè нас, богатите, и оданочете нè сега“, додаваат тие.

Групата посочува дека воведување на годишен „данок на богатство“ за оние со богатства поголеми од 5 милиони долари може да прибере дополнителни 2,52 билион долари. Тоа, според нив, би било доволно да извлече 2,3 милијарди луѓе во светот надвор од сиромаштија, да се направат доволно вакцини за светот и да се воведе универзално здравствено осигурување и социјална заштита за сите граѓани на сиромашните земји и земјите со ниски примања, каде живеат 3,6 милијарди луѓе.

Предложениот данок би требало да изнесува 2% за оние кои имаат до 5 милиони долари, 3% за оние со повеќе од 50 милиони долари и 5% луѓето со повеќе од милијарда долари.