Седум Авганистанци добија траен престој во Португалија, во С. Македонија остануваат 400 со привремен престој

Четворица возрасни и три деца изутрината од Меѓународниот аеродром Скопје преку Истанбул, заминаа за Португалија како нивно трајно одредиште.

„Станува збор за вработени во меѓународни организации и нивни семејства на кои во изминатиот период нашата земја им обезбеди привремено засолниште во рамки на меѓународната хуманитарна операција за помош на продемократското население во Авганистан кое е под закана на новата талибанска власт во земјата“, стои во владиното соопштение.

Северна Македонија во моментов дава привремено прибежиште на 400 граѓани од Авганистан. Тие остануваат овде додека не се обезбеди трансфер до нивната крајна дестинација. Трошоците за престојот се покриени од меѓународните организации, посочуваат од Владата.

Претходно, 35 Авганистанци заминаа за Грција, 27 други авганистански граѓани добија траен престој во Ирска, а десетмина заминаа за Франција.