Европската Унија се подготвува за прилив на мигранти од Авганистан

Европската Унија (ЕУ) се подготвува за прилив на баратели на азил од Авганистан, но дали тоа ќе се случи зависи од ситуацијата во таа земја, изјави шефот на Фронтекс Фабрис Легери, додавајќи дека повеќе веројатно е доаѓањето на Авганистанци кои се во други држави, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

Легери за „Ројтерс“ изјавил дека институцијата се подготвува за потенцијален прилив на традиционалните рути како Турција и Грција, но и нови, како Белорусија, која Брисел ја обвинува за испраќање илегални мигранти преку граница.

Фронтекс „следи што се случува“ во Авганистан, но и во авганистанските заедници во соседните и другите земји, рече Легери, наведувајќи ги Иран, Пакистан, Таџикистан, Турција, Узбекистан и Туркменистан.

„Дали луѓето на кои им е потребна меѓународна заштита ќе побегнат од Авганистан, ќе зависи од настаните во таа земја. Но, повеќе веројатно е дека да стигнат до ЕУ прво ќе пробаат авганистанските заедници во странство“, смета Легери.

Европската Унија се обиде да го реформира својот систем за миграции по бегалската криза во 2015 и 2016 година, кога повеќе од еден милион бегалци пристигнаа во Европа.

Сојузот е сега поподготвен за враќање на мигрантите во нивните земји, ако не им биде одобрен азил.

Легери рече дека граничната полиција денес е подобра во препознавањето на земјите на потекло отколку пред шест години.

„Не можеме да ги вратиме Авганистанците во Авганистан. Секако дека не можеме. Но, можеме да ги вратиме оние што се преправаат дека се Авганистанци“, нагласи Легери.