Поранешен авганистански министер работи како доставувач на храна во Германија

До пред неколку години Сајед Садат беше министер во Авганистан, но сега тој живее во Германија и за живот заработува како доставувач на храна со велосипед, пренесува „Индекс“.

Шест часа дневно во текот на неделата и од пладне до десет навечер во сабота и недела, Садат ја облекува карактеристичната портокалова јакна, зема голем ранец во форма на квадрат и доставува пици и друга храна на клиентите.

„Нема срам во тоа. Работа е работа“, изјави тој.

Садат е еден од илјадниците Авганистанци кои во последните години го најдоа својот нов дом во Германија.

Од 2015 година и големиот прилив на мигранти од Сирија и Ирак, околу 210 илјади Авганистанци побарале азил во Германија. Ова ги прави втората по големина група што бара заштита во земјата, веднаш по Сиријците.

Со враќањето на талибанците на власт, Германија од земјата евакуираше уште 4.000 Авганистанци од земјата, вклучувајќи ги и оние кои работеле за НАТО и Европската Унија.

Но, пристигнувањето на Садат било многу помалку драматично.

Тој беше министер за комуникации во авганистанската влада од 2016 до 2018 година, но поднесе оставка затоа што не можел повеќе да ја толерира корупцијата во владата.

„Кога работев како министер, имаше голема разлика помеѓу блискиот круг на претседателот и мене. Тие ја гледаа својата корист, а јас сакав парите навистина да се искористат за спроведување проекти“, раскажува тој.

По оставката, тој се вработил како советник во авганистанскиот телекомуникациски сектор. Но, до 2020 година ситуацијата во земјата се влошила и тој одлучил да замине.

Неговата плата е 15 евра на час, доволно за да ги покрие трошоците за живот и киријата од 420 евра месечно.

„Знам дека ова е краткорочно, додека не најдам друга работа“, вели тој.