Полициски час од утре од 23 до 5 часот, угостителите ќе работат до 22:30 часот, одлучи Владата  

Владата на денешната 68-ма седница донесе одлука за измени и дополнувања за ограничување на движењето на граѓаните согласно која од 5 мај, среда, забраната за движење наместо од 21 часот, ќе започнува од 23 часот и ќе трае до 5 часот наредниот ден.

Соодветно на овие измени угостителските објекти ќе бидат отворени за гости до 22:30 часот и тоа само на отворените делови, тераси, на угостителските објекти, како што е утврдено со постојните мерки и наменски протоколи.

Комисијата за заразни болести дополнително предложи, а Владата на седницата прифати воведување мерка за задолжителна самоизолација (карантин) во траење од 14 дена за сите домашни и странски физички лица – патници кои пристигнуваат од Индија и Бразил заради спречување на ширење на новите соеви SARS-CoV-2.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 152.814, бројката на оздравени пациенти е 134.653, на починати е 4.992, а бројот на активни случаи изнесува 13.169.