Почина Салаетин Билал, доајенот на Турскиот театар

По долго боледување на 76-годишна возраст почина актерот Салаетин Билал, кој во својата кариера имаше преку седумдесет театарски и четириесет телевизиски и филмски улоги и важеше за еден од доајените на НУ Турски театар.

Билал студирал на Театарскиот конзерваториум во Истанбул, Турција. Во 1964 година станал член на ансамблот на Турската драма при Театарот на народностите во Скопје. Како актер гостувал и во проекти изведувани на сцените на Македонскиот народен театар, Драмскиот театар, како и на матичната сцена со ансамблот на Албанската драма.

Забележителни се неговите ролји во Театарот на Ромите „Пралипе“ и во други независни проекти.

Во неговата биографија, меѓу другите, запишани се филмовите „Најдолгиот пат“ (1976), „Време води“ (1980), „Ангели на отпад“ (1995), „Џипси меџик“ (1997), „Зад непријателските линии“,  „Прашина“ (2001), преку „Илузија“ (2004), „Сенки“ (2007), „Мајки“ (2010), па се до последните филмови на македонската филмска продукција „Трето полувреме“ (2012), „Балканот не е мртов“ (2013), „Херој“ (2013) и „До балчак“ (2014).

Глумел и во голем број серии, како „Волшебното самарче“ (1975), „Итар Пејо“ (1977), „Илинден“ (1982), „Белото Циганче“ (1984), „Солунски патрдии“ (1986), „Тврдокорни“ (1988-1992), Македонски народни приказни (1994) и уште многу други.

Добитник е на бројни награди.