Почина музичарот Симеон Иванов – Канго

По тешко боледување, почина Симеон Иванов – Канго, кој во јавноста е познат како музичар, гитарист, поет, сликар и основач на  културното движење „Мактеон“.

Во својот музички и поетски полет Канго издаде седум музички албуми и четири стихозбирки.

Симеон Иванов е роден во Кочани на 2 ноември 1951 година, каде што го завршил основното и средното образование. Дипломирал на правниот факултет во Скопје. Со рокенрол музиката се занимаваше од раната младост, а во 2005 година го прослави 40-годишниот јублиеј од својата музичка кариера со концерт во Домот на АРМ во Скопје.

Во неговата музичка кариера, свирел заедно со скоро сите музичари од неговиот град и пошироката околина. Канго беше и гитарист, текстописец, аранжер, композитор и продуцент на неговиот истоимен бенд, кој опфаќаше гитара/вокал, бас гитара и тапани.

Покрај свирките и концерти во Македонија, Канго има настапувано и во странство на Заечарската гитаријада во 1994 и 2001 година, има одржано концерти во Нови Сад и Белград 2004 и концерт во Виена во 2004 година.