Победник на „Новите!“ за 2016 година е Ѕвездан Георгиевски

Комисијата за доделување на наградата за најдобар дебитантски прозен ракопис „Новите!“ во состав Калина Малеска, Давор Стојановски и Иван Шопов, одлучи наградата да ја добие ракописот „Недела дена во животот и смртта на Гроздан“ од Ѕвездан Георгиевски.

Најважните одлики поради кои овој ракопис се оддели од другите кандидати за наградата се несомено јасниот концепт и композицијата, пренесува Окно, е умешното водење на нарацијата, како и нивото на писменост и јазична прецизност. Воедно, како дополнителен квалитет на текстот се издојуваат и игривоста и неизвесноста, кои се одржуваат до самиот крај на делото.

Станува збор за кус роман, составен од осум поглавја, две поетски интермеца и епилог. Дел од поглавјата делумно функционираат и како самостојни текстови и може да се читаат како раскази, иако се мошне цврсто инкорпорирани во романескната целина – како на тематски, така и на стилски и поетички план.

Главниот протагонист е соочен со својот живот што не може да го препознае како свој, и постојано се гледа себеси отстрана, како да е туѓинец. Преку мотивот на двојникот, Гроздан како да се гледа низ туѓи очи и, поради тоа што во даден момент престанува да ја разликува стварноста од фантазијата (или стравот од стварноста), и повеќе не препознава дали самиот учествува во настаните или само ги замислува, светот околу него ја губи смислата. Аспектот кога стварноста прераснува во гротеска и во бесмисленост е успешно воден преку неизвесните и динамични исечоци од животот на протагонистот.

Извадок од романот можете да прочитате овде.

Ѕвездан Георгиевски е роден 1961 година во Јесенице, сегашна Република Словенија. Интердисциплинарни студии по новинарство завршил на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ 1983 година, кога и се вработува во Редакција „Нова Македонија“, каде што главно работи како новинар и уредник во културната рубрика. Од 1991 година преминува во неделникот „Пулс“, каде што е уредник од првиот број па речиси до самиот крај на овој магазин. Од 1999 преминува во „Утрински весник“, каде што е уредник на културната рубрика од првиот број, па сè до 2007 година, кога преминува како уредник за култура во штотуку формираниот неделник „Глобус“, каде што останува сè до неговото гасење во 2011 година. Еден е од основачите на првото приватно радио во Македонија „Канал 4“, како и на наградата „Роман на годината на Утрински весник“. Уредил повеќе публицистички книги, литературни дела и зборници. Превел десетина книги, главно од некогашните југословенски јазици. Од 2011 година е невработен, а од 2013 е редовен пријавувач во Агенцијата за вработување на РМ. Книгата „Недела дена во животот и смртта на Гроздан“ е негов прв обид во литературата и прв втор почеток во неговиот живот.

Наградата за најдобар прозен дебитантски ракопис „Новите!“ изнесува 1000 евра и објавување на книгата во едицијата „Катапулт“.

Спонзор на наградата е Комерцијална банка А.Д. Скопје.

Досегашни добитници на наградата „Новите!“ се: Алекс Букарски, Галијана Маркова, Дозгулпмус (Климент Булоски), Ненад Јолдески, Иван Шопов, Хигсов Бозон (Кирил Минанов), Дејан Мирчески, Драган Георгиевски, Михајло Свидерски и Сања Михајловиќ Костадиновска.