Писателот Фејзи Бојко и политикологот Илбер Села добитници на Државната награда „22 ноември“

Писателот Фејзи Бојко и политикологот Илбер Села се овогодишни добитници на Државната награда „22 Ноември“, одлучи одборот за доделување на наградата.

Наградата „22 Ноември“ се доделува на луѓе од политичкиот, културниот и општествениот живот во Република Северна Македонија кои дале свој придонес во унапредувањето на меѓучовечкиот соживот и меѓусебното разбирање на припадниците на различните заедници, култури и вери во Република Северна Македонија.

Фејзи Бојко е писател за деца, преведувач и есеист. Роден е во струшкото село Велешта во 1937 година. Работел како учител, новинар и главен и одговорен уредник на списанијата за деца „Фатош“ и „Гезими“ и на весникот „Флака е велазеримит“. Автор е на книгите „Првите цутови“, „Школски ѕвона“, „Песни за буквите“, „Септември на едно детство“ „Орото влезе дома“ „Боите на моето небо“, „Бели пеперутки“, „Зборови и бранови“ и други, како и на повеќе прикази и критички осврти. Преведувал и препеал дела од македонски, српско-хрватски и од француски јазик.

Проф. д-р Илбер Села е универзитетски професор и политиколог, а во моментов ја извршува и функцијата директор на Агенцијата за примена на јазикот во Република Северна Македонија. Кариерата како универзитетски професор ја започна во Универзитетот југоисточна Европа (2003 год.), каде што предава до денешен ден. Тој е и редовен предавач на Универзитетот во Тетово. Освен во доменот на предавањето, Села придонел и во доменот на издаваштвото. Има повеќе од десет објавени книги на германски, албански и англиски јазик, како автор и коавтор, вклучувајќи ги и националните и меѓународинте списанија. Исто така е и организатор на неколку национални и меѓународни научни конференции.

Наградата на добитниците ќе им биде врачена на 22 ноември во 12:00 часот во Собранието на Република Северна Македонија.