Претставата „Црнила ремикс“ доби награда за најдобра употреба на музика на фестивалот „Нишвил“

Театарската претстава „Црнила ремикс” е наградена за најдобра употреба на музика на меѓународниот џез театарски фестивал „Нишвил“ кој вчера се затвори во српскиот град Ниш.

„Претставата е оригинална со тоа што ангажира рап музика во јукстапозиција со традиционални македонски вокални стилови. Таа е полна со прекрасни мелодии, рими и динамика, кои произведуваат своевидна хип-хоп опера и поттикнува силни емоции“, стои во образложението на жирито на фестивалот „Нишвил“ кое е составено од театарските критичари Наташа Гвоздановиќ и Игор Буриќ, и американската актерка и продуцентка Жозелин Пук.

Продуцентот на претставата Русе Арсов вели дека наградата доаѓа во вистински момент, кога се обидуваат да ја „рестартираат“ претставата.

„’Црнила Ремикс’ својот силен фестивалски залет го имаше веднаш по премиерата крајот на 2018 година, но за жал веќе на почетокот на 2019 година како и цел свет и ние мораше таму да запреме. Многу убава енергија околу овој проект, па затоа верувам дека ‘Црнила’ на МКЦ Скопје ќе ја има уште долго на сцена“, рече Арсов.

Режисерот на претставата пак, Јордан Симонов смета дека ја имаат најсоодветната продукција за фестивалот, чија специфика, како што додава, е токму селекција на претстави каде музиката е важен драмски елемент во нарацијата.

„Експериментиравме со многу стилови и формати, добивме одличен музички производ, и затоа сега ми е многу драго што тоа го препознаа и членовите на жирито”, рече Симонов.

На фестивалот „Нишвил” кој од 5 до 9 август се одржа на сцените низ Ниш, „Грандпри“ наградата ѝ е доделена на претставата „Балкан Боредело”, која е ко-продукција меѓу „Ла Мама“ од Њујорк, „Ателје 2012“ од Белград и „Кендра Мултимедија“ од Приштина.