Партиите, порталите и инфлуенсерите ќе имаат етички обврски во онлајн просторот за време на изборите

Со распишувањето на изборите започнаа да се применуваат одредбите на Кодексот на однесување во онлајн просторот за време на изборни процеси и референдуми, како и функционирањето на Координатовното тело.

Кодексот беше инициран од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) и развиен заедно со Здружението на новинари на Македонија, Советот за етика во медиумите на Македонија, Институтот за комуникациски студии, Македонскиот институт за медиуми  и Фондацијата Метаморфозис.

Сите шест чинители формираа Координативно тело кое ќе постапува по претставки во врска со евентуални прекршувања на Кодексот од страна на политичките партии, нивните кандидати, независните кандидати, интернет изданијата на радиодифузерите, онлајн медиумите, проверувачите на факти, инфлуенсерите и другите субјекти кои можат да извршат влијание врз јавноста во функција на кампања за време на избори или референдуми.

Претставки можат да се пратат на е-адресата: koordinativnotelozaizbori@avmu.mk, а можат да се однесуваат на ширење дезинформации (неточни, нецелосни, лажни или злонамерни информации), говор на омраза, и дискриминација по која било основа, непочитување на правилата и стандардите за заштита на личните податоци, како и за други форми на неетичко однесување на интернет.

Досега, кон Кодексот пристапија неколку политички партии и медиумски организации.

Сите информации во врска со функционирањето се објавуваат и ќе се објавуваат на посебната веб-страница: https://izborenkodeksonline.mk/