Париз забрани градење облакодери со цел да се промовира похуман урбанизам

И покрај тоа што е дом на еден од најпознатите високи објекти, Ајфеловата кула, Париз со децении се бори да остане град со ниски објекти.

Главниот град на Франција месецов донесе нов урбанистички план со кој се ограничува висината на нови објекти на максимални 12 ката или 37 метри. Според поддржувачите на овој план, тој има за цел да промовира градежништво кое е во насока на похуман урбан простор.

Иако дел од градежните инвеститори се обидуваа да го направат Париз да личи на Лондон, со облакодери кои во последните години се се` повисоки, мнозинството парижани беа против ваквите планови.

Освен Дефанс, кој е градскиот бизнис кварт и е исполнет со бројни облакодери во 13. и 15. арондисман, најголемиот дел од центарот на градот и понатаму е главно без многу високи згради.

Делови од градот воведоа ограничување за висините на зградите на 37 метри во 1977 година, по градбата на контроверзната 209-метарска Кула Монпарнас, која беше завршена во 1973 година. Тој монолитски објект долго време е критикуван од дел од јавноста дека е целосно несоодветен за просторот во кој се наоѓа и дека го нагрдува на култниот париски пејзаж.

Кулата Монпарнас во Париз | Фото: Caribb / Flickr

Оваа забрана за облакодери остана на сила до 2010 година, по што беше укината од поранешниот градоначалник Бертранд Делано, и беше заменета со ограничување од 180 метри за комерцијални објекти и 50 метри за станбени згради.

Сега Париз практично се враќа во 1977 со новиот урбанистички план, кој е дел од програмата на актуелната градоначалничка Ане Хидалго да ги намали јаглеродните емисии на Париз, позната како „Локален биоклиматски урбан план“.

Хидалго оваа нејзина одлука ја оправда со тоа дека е дел од нејзиниот поширок „биоклиматски“ план, што треба Париз да го одржи „атрактивен и пријатен и во иднина и покрај растот на температурите“.

Друга причина зад оваа одлука лежи во контроверзната градба на Триаголната кула, дизајнирана од швајцарското архитектонско студио „Херцог и Меурон“. Работите на овој објект започнаа во 2021 година, а пирамидалната кула требаше да биде завршена во 2026 година, но изградбата ќе доцни дополнителни 12 години поради разни правни и урбанистички проблеми.

Кога ќе се комплетира овој објект, во кој ќе бидат сместени хотел, продавници, ресторани и деловен простор, треба да биде третиот највисок во градот.

Фото: „Херцог и Меурон“