Демонстранции во Франција за поамбициозни мерки против климатските промени

Илјадници демонстранти вчера излегоа на улиците на Париз и другите француски градови повикувајќи на поамбициозни мерки во борбата против климатските промени, пренесува АП.

Протестите на национално ниво доаѓаат откако Долниот дом на парламентот изминатава недела го одобри законот за клима во насока на ограничување на емисиите на стакленички гасови, за кој активистите за животна средина велат дека не е соодветен, нарекувајќи го „социјален неуспех“.

Предлог-законот, за кој сега ќе се расправа во Сенатот, вклучува забрана на домашни летови под два и пол часа, а кои можат да се изведат со воз и мерки за поддршка на реновирање на згради што трошат многу енергија и да се промовираат зелени автомобили.

Активистите го обвинуваат претседателот Емануел Макрон, кој многу гласно ја подржуваше акцијата за климатски промени, дека го „ослабнал“ сетот мерки првично предложен од панел од 150 граѓани кои со месеци работеле на ова прашање.

Гринпис Франција го осуди „владиното одбивање да преземе мерки за климата”.

Сара Мур од париската невладина организација Интернационален совет за наука смета дека сите се излезени на улица бидејќи се наоѓаат во итна ситуација.

„Мислам дека Франција е во позиција на направи нешто многу значајно со Парискиот климатски договор 2015, но, факт е дека не правиме ништо“, вели Мур.

Виктор Дуонг, 32-годишен извршен директор од Париз, рече „Сакаме да имаме поконкретни активности во политиката, сакаме земјите да се посветат на емитувањето помалку јаглерод, да ја почитуваат повеќе животната средина, во однос на рециклирање, земјоделството, нашиот начин на конзумирање“.

Францускиот весник „Журнал ду диманш“ во неделата објави дека референдумот за вклучување на потребата за зачувување на животната средина во францускиот Устав, ветен од Макрон, нема да може да се одржи.