Отворен првиот центар за поддршка на жени жртви на семејно насилство во Радовиш

Во Радовиш денеска со работа започна првиот Центар за поддршка на жени жртви на семејно и родово базирано насилство кој ќе ги покрива териториите на општините Радовиш и Конче, соопшти УНДП. Центарот е отворен како дел од проект за меѓуопштинска соработка меѓу Радовиш и Конче, а пристап до неговите услуги ќе имаат околу 15.000 жени од тој регион.

Центарот претставува советувалиште кое ќе нуди психосоцијално советување за жени и деца кои претрпеле насилство во семејството, а услугите ќе ги даваат обучени психолози за работа со жени жртви на насилство, согласно утврдена програма за психо-социјален третман и советување, велат од УНДП.

„За нас е од исклучителна важност што ќе овозможиме поддршка на жените кои се жртви на родово базирано насилство. Факт е дека овој проблем постои во општеството, но ние сме свесни дека мора сите заедно да работиме за да им помогнеме на членовите на заедницата на кои поддршката им е најпотребна“, рече градоначалникот на Општина Радовиш, Ацо Ристов на отворањето на Центарот за поддршка на жени.

Според градоначалникот на Општина Конче Златко Ристов вели дека нудењето ваков тип услуги е важно за секоја општина, без разлика дали е урбана или рурална и мала или голема.

„Токму затоа, користењето на инструментот на меѓуопштинска соработка е одлична можност заедно да работиме на развој на нови услуги за граѓаните“, рече Ристов.

Заменичката на постојаниот претставник на УНДП Сања Бојаниќ вели дека како минимален стандард, државата треба да обезбеди по едно советувалиште на секои 50.000 жени што значи дека во Северна Македонија треба да има 20 вакви советувалишта.

„Во моментов, во земјава има 11 советувалишта кои нудат психо-социјална поддршка на жените жртви на родово базирано насилство. Локалните самоуправи имаат клучна улога во дизајнирањето и обезбедувањето родово одговорни услуги и затоа се надевам дека повеќе општини ќе го следат примерот на Радовиш и Конче“, порача Бојаниќ.

Центарот за поддршка на жени ќе го раководи невладината организација „Женска акција“ од Радовиш, која веќе 17 години работи на унапредување на статусот на жената во општеството, велат од УНДП и додаваат дека центарот се отвора во текот на глобалната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“ која трае до 10 декември.