Денес започнува кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“

Под мотото „Препознајте, блокирајте и пријавете дигитални и други форми на насилство врз жените и девојчињата“ годинешната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство” започнува денес, во 18:00 часот, со настан во Градскиот Трговски Центар.

„Насилството врз жените и девојчињата останува широко распространето и уништувачко кршење на човековите права. Тоа постои во секоја земја, во секоја култура и заедница. Без исклучок. Во 21-от век. Бројките се вознемирувачки. Една од три жени на возраст од 15 и повеќе години доживува физичко и/или сексуално насилство. Жените се таргетирани дома – а за време на пандемијата насилството само се зголеми; на нивното работно место, во училиштата и универзитетите, на улица, во миграцијата и сè повеќе и повеќе онлајн – преку сајбер насилството и говорот на омраза“, истакнува амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија.

Меѓународната кампања што се одржува секоја година со почеток на 25 ноември – Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените оваа година е во организација на Обединетите Нации, Европската Унија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Организаторите информираат дека фокусот на овогодишната кампања во Северна Македонија ќе биде на зголеменото дигитално насилство.

„Технолошкиот напредок им овозможи на сторителите на насилството врз жените да ги извршат своите злосторства на безбедно растојание. Секој може да биде навредлив од удобноста на својата фотелја, криејќи се зад екранот и зад анонимниот профил и речиси секогаш без никакви последици. Речиси како видео игра“, вели Килијан Вал, шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Во рамки на кампањата, како што најавуваат организаторите, ќе се одржат и други настани низ земјата, вклучувајќи и презентации, обуки, филмски фестивал како и панел дискусии.