„OrceTalks“ на седмото издание на ENGAGE

Средношколците Андријана Пејчиновска и Жељко Ненадиќ од здружението „OrceTalks“ се меѓу говорниците на седмото издание на ENGAGE конференцијата на друштвен активизам што ќе се одржи на 12-ти мај, во Музејот на современа уметност во Скопје.

Андријана Пејчиновска е средношколка во својата четврта и најдинамична година во „Орце Николов”. Освен тоа што е активен дебатер и предавач во МОФ, Андријана е вклучена во повеќе иницијативи, како што е „Hack the Mental Health Stigma“, а беше и иницијатор и сегашен лидер на тимот на „OrceTalks“, здружение на средношколци кое организира месечни дискусии на разновидни теми за средношколци и студенти. Андријана заедно со својот тим го започна „OrceTalks“ во ноември минатата година, а досега се одржани три едиции на овој настан-дискусија, на најразлични теми од областа на филозофијата, технологијата и влијанието на науката врз општеството.

Жељко Ненадиќ е матурант од СУГСГ „Орце Николов”. Тој е млад активист и член на повеќе невладини организации. Жељко е вклучен во „Mладинската иницијатива за промени во образованието” поддржана од Младите можат и е активен дебатер во МОФ. Тој е голем љубител на природните науки и активист кој ужива во решавање на проблемите во општеството. Поради неговиот интерес за тоа како науките го афектираат општеството, Жељко е дел од организацискиот тим на „OrceTalks“, кој организира дискусии на филозофски и футуристички теми кои го засегаат токму нашето општество.

На овогодинешната конференција организирана од Радио МОФ и Младинскиот образовен форум, ќе учествуваат осуммина говорници, а ќе има и два перформанси. Регистрацијата е достапна на овој ЛИНК, а можност за учество ќе имаат првите 200 пријавени учесници за конференцијата. Повеќе информации за сите говорници и настапи може да се најдат на engage.mk.

ENGAGE – Конференција за друштвен активизам е организирана со поддршка од Фондацијата Отворено општество – Македонија.