Општина Центар изгласана за Највело скопска општина за 2023

Здружението на граѓани Центар за одржливи иницијативи, заедно со групата ентузијасти за подобро велосипедско Скопје – #НаТочак, денес го доделија признанието за Највело општина во Скопје и околината, на Општина Центар. Ова е прва година во која е воведено признанието.

Општина Центар, со освоени 49 од можни 100 поени е прогласена за Највело општина според жири комисијата, што значи дека општината најмногу се залага за овозможување на услови за граѓаните, останува уште многу простор за подобрување.

Од друга страна, според резултатите од јавната анкета која ја пополниле 1000 граѓани, Наградата од јавноста ја доби општината Аеродром.

„Наградата за рурална општина со најголем исчекор ја освои Општина Илинден. Оваа општина покажа значителен и најголем напредок за разлика од останатите рурални општини, инвестирајќи во нова велосипедска инфраструктура – вело патеки и паркинзи“, велат организаторите.

Покрај овие три, жири комисијата одлучи да додели уште две награди – за Најповрзувачка општина и Општина со најголем потенцијал.

Посебно признание од комисијата доби Општина Гази Баба за остварување на велосипедска рекреативна инфраструктура долж Вардар која воедно служи за поврзување со општините Аеродром, Центар и Карпош.

Општина Петровец, пак, го понесе признанието за општина со најголем потенцијал поради покажаниот интерес да инвестира во велосипедската инфраструктура преку изведбата на првата вело патека во општината, која го поврзува Скопскиот регион со светот.

„Ова признание треба да послужи како дополнително мотивирање на руралните општини за развој во насока на вело пријателска атмосфера и охрабрување да продолжат со поврзување на вело инфраструктура во своите граници и меѓуопштински“, велат од Центарот и #НаТочак.

Организаторите посочуваат дека бодувањето на општините се извршило врз база на методологија, каде биле земени предвид бројни карактеристики и активности кои општините ги сработиле за велосипедистите во периодот 2021-2023.

Центарот за одржливи иницијативи и #НаТочак податоците ги побарале по пат на барање на информации од јавен карактер, а извршија и јавна анкета преку која граѓаните ги дадоа своите оценки за општините.

Еден од главните заклучоци на јавната анкета е и дека граѓаните не се задоволни од бројот на јавно достапни паркинзи за велосипеди, а и оние што ги има, во најголем дел ги сметаат за нефункционални.

Јавната онлајн анкета покажа дека граѓаните најчесто го користат велосипедот како превозно средство за движење низ општините Центар, Карпош и Аеродром.

Оценувајќи ја велосипедската инфраструктура, речиси половина од испитаниците (48,2%) изјавиле дека немало никакви нови инвестиции во последната година ипол.

„Една третина од испитаниците (37,4%), исто така, изјавија дека нивната општина не презема ништо за безбедноста на велосипедистите. Голем дел од граѓаните кои ги споделија своите мислења со нас велат дека не се чувствуваат безбедно да возат велосипеди со детско седиште или деца да возат сами, нагласувајќи дека може да биде особено ризично“, забележа Дарко Арсовски од #НаТочак.

„Би сакале да нагласиме дека целта на овие награди е општините преку позитивен пример да ги зголемат заложбите за подобрување на велосипедската инфраструктура, а со тоа и за климатска акција. Се надеваме дека изборот ќе продолжи и во иднина, па дури и да се претвори во традиција“, изјави Мери Бакалова Стојанова од Здружението на граѓани Центар за одржливи иницијативи.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ја поздрави иницијативата и најави нови проекти за унапредување на вело инфраструктурата во рамки на општината.

Воедно, соопшти дека преку општинскиот Совет е донесена и одлука за поставување задолжителен паркинг простор во секој нов изграден проект во Општина Центар.

Поради ова, Општина Центар како највело општина за 2023 доби вело-паркинг изведен по универзален дизајн. Дополнително, на сите победнички општини им беа врачени статуетки, рачно изработени од волонтери-креативци во Столарска едукативна работилница.

[Подкаст]: Лесно ли е да се вози точак низ скопските општини?