Општината признава дека велосипедистите се соочуваат со потешкотии, велат од „Чист Охрид“

Од „Чист Охрид“ информираат дека општината признава дека велосипедистите се соочуваат со потешкотии, па очекуваат реализација на својот предлог.

Портпаролот на Општина Охрид во изјава за телевизијата „ТВМ“, во однос на барањето на неформалната еколошка организација Чист Охрид за поставување пластични столпчиња на велосипедските ленти во градот, се согласи со наводите дека велосипедистите во Охрид наидуваат на потешкотии при транзитирањето низ градот.

Во изјавата, портпаролот истакнува дека проблемот е покомплексен и дека тука се вклучува режимот на сообраќај и продавниците кои имаат потребни дозволи за работа издадени од надлежни министерства, а не од општината. Дополнително, тој истакнува дека не може да се постават столпчиња на секоја улица.

„Организацијата Чист Охрид е свесна за овој проблем, впрочем и затоа во нашиот предлог јасно посочуваме дека бараме пластичните столпчиња да се постават на местата каде тоа е возможно. Сметаме дека на поголемата траекторија на овие улици не се наидува на посочените проблеми и дека постои можност за поставување на такви столпчиња“, велат од „Чист Охрид“.

Во меѓувреме, тие повикуваат на дијалог меѓу надлежните министерства, трговските друштва и општината, со цел хармонизација и обезбедување сигурност за велосипедистите во градот.

„Тука сакаме да реагираме и на изјавата во врска со предлогот за поголема контрола од сообраќајната полиција, односно да истакнеме дека тоа не е доволно и нема да го реши проблемот, сè додека не се постават физички бариери, затоа што велосипедистите постојано наидуваат на пречки при транзитирањето“ велат од организацијата, охрабрувајќи ги градскре власти да обрнат внимание и да се ангажираат за поголеми контроли на велосипедските ленти и патеки во градот.

Чист Охрид истовремено повикува на средба со надлежните, каде што ќе може подетално да се елаборира и да поразговара за нивниот предлог, којшто очекуваат да се најде начин да се реализира.