„Чист Охрид“ бара столпчиња на велосипедските ленти, за да не ги узурпираат автомобили

Иако лани неколку улици во Охрид како „Питу Гули“, „Сирма Војвода“, „Карпош Војвода“, „АСНОМ“, „Марко Цепенков“ добија велосипедски ленти, тие се уште не се физички одвоени од коловозот каде транзитираат автомобилите. Поради тоа, неформалната еколошка организација „Чист Охрид“ од надлежните побара под итно да се постават пластични столпчиња на сите велосипедски ленти во градот.

Оттаму велат дека лентите во градот каде нема вакви столпчиња постојано се узурпираат од автомобили и мотори кои се паркираат на овие места.

„Поставувањето столпчиња е од огромна важност за безбедноста на бројните велосипедисти и за непречено одвивање на сообраќајот. Но, е од особена важност за да се поттикне ваквиот тип на транспорт, во град кој е идеален и има голем потенцијал за тоа. Во овој момент, сметаме дека ваквите ленти воопшто не им служат на велосипедистите, затоа што состојбата воопшто не се разликува од таа пред да се означат ваквите ленти“, истакнуваат од „Чист Охрид“.

„Чист Охрид“ минатата година ги поздрави напорите на локалната самоуправа за унапредување на вело-сообраќајот, но и го адресираше проблемот со немањето физички бариери, односно столпчиња уште во август, во период кога тие беа само иницијално обележани.