Активисти на Чист Охрид сами засадија дрворед, откако не добија никаков одговор од Општината

Активисти од неформалната еколошка организација Чист Охрид, на потегот после плажата „Мадера“ денеска сами засадија 13 садници врби, по претходна консултација со стручни лица, откако не добиле никаков одговор од Општината на нивниот предлог за садење дрворед на тој потег.

Пред повеќе од една недела, Чист Охрид упати јавен предлог до општината, преку медиумите, но и директно преку електронска пошта, за засадување дрворед на потегот после ресторанот Мадера па се до плажата Парк. Но, оттаму, велат, досега немало никаква реакција.

„Во моментов, прашањето со зеленилото е решено на начин што на тој потег се засадени дрвја на средината од патеката, но, тоа не е доволно. Па оттука, доставуваме предлог до надлежните за зголемување на дрвната маса во посочениот дел. Во време кога се соочуваме со масовни предизвици поради климатските промени, но и сѐ поголемото уништување на зеленилото и урбанизацијата, потребно е да се насочиме и фокусираме кон поодржлива иднина. Ова е само еден базичен дел од целокупниот процес“, напишаа во предлогот од Чист Охрид.

Од неформалната организација посочуваат дека уште еднаш сакаат да ја актуелизираат оваа тема и да испратат порака до надлежните да го разгледаат предлогот на Чист Охрид.