Охридскиот пливачки маратон сепак ќе се одржи – ќе го организираат Агенцијата за млади и спорт и Општина Охрид

Охридскиот пливачки маратон сепак ќе се одржи, ова беше соопштено денеска на заедничката прес-конференција на градоначалникот на Општина Охрид Кирил Пецаков и директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС) Наумче Мојсовски. Наградниот фонд на маратонот од 10.000 евра ќе биде покриен од АМС, а останатите трошоци од општината, од каде се најавени 2 милиони денари.

Ваквата одлука доаѓа откако пред два дена беше соопштено дека оваа година традиционалниот пливачки маратон, под покровителство на претседателот на државата нема да се одржи, поради блокираната сметка на Националната пливачка федерација.

Градоначалникот Пецаков изјави дека успеале да ги надминат препреките, водени од помислата дека маратонот опстоил 60 години и во можеби потешки времиња од овие денеска, додека во него животен труд вложиле голем број охриѓани.

„Охридскиот пливачки маратон е традиција и токму традициите се работи кои ги одржуваат луѓето во тешките мигови, ова претставува уште еден факт зошто одржување на маратонот е важно за сите нас. После вчерашниот ден каде што имавме координативен состанок на сите засегнати во спортот во Охрид, дури и организатори на успешни манифестации, пливачки охридски клубови, произлезе заклучокот дека сепак охридски маратон ќе има, ќе најдеме начин да го организираме, а на сето тоа следеше состанок со директорот на АМС“, рече Пецаков.

Истовремено, тој посочи дека уште од наредната година, Општина Охрид заедно со Советот ќе продолжат во иста или поголема форма да го поддржуваат маратонот.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски соопшти дека Агенцијата заедно со Владата застануваат зад овој пливачки маратон и најави дека веќе од следната година ќе ја преземат неговата организација.

„Овие проблеми кои се настанати не се од сега, дефинитивно овие проблеми кои се настанати од поодамна, се директно и исклучиво само на пливачката федерација, затоа што знаеме дека една сама матична федерација во својот спорт, мора да организира и мора да биде главен носител и организатор на една манифестација, таа манифестација во моментов е пливачкиот маратон во Охрид“, рече Мојсовски.

Тој истакна дека Охридскиот пливачки маратон би требало да се одржи на 10 или 11 септември, поради тоа што сите натпреварувачи, моментално се на други натпреварувања и првенства.

Охридскиот пливачки маратон е меѓународно натпреварување во пливање на отворени води. Натпреварувачите ја препливуваат патеката „Климе Савин“ која е долга 30 километри, односно од манастирот „Свети Наум“ до Градското пристаниште во Охрид.

Охридскиот пливачки маратон нема да се одржи поради блокираната сметка на Националната пливачка федерација

Мартин Колоски