Критична Маса #89 – „Колку жртви се доволно?“

89-тото издание на „Критична маса“ ќе се одржи во среда, 23 февруари со почеток во 17 часот и 30 минути.

Организаторите на „Критична маса“ соопштија дека поминале скоро 20 дена откако побарале од градските власти да споделат на на кој начин, во рамките на нивната надлежност, планираат да ја зголемат безбедноста на улиците за сите учесници во сообраќајот, а примарно за пешаците и велосипедистите. Но, до објавување на настанот за „Критична маса 89“, не добиле никаков одговор.

Поради молкот на градските власти, НаТочак, запрашуваат дали молкот значи дека безбедноста на граѓаните не е високо на приоритети, или пак властите немаат никакви планови за донесување мерки за подобрување на состојбата на улиците.

„Како да дојдовме во ситуација кaде што секој од нас веќе познава некој кој смртно настрадал, кој има трајни телесни последици или долго време носел психолошки последици. Ова создава атмосфера како да живееме во епидемија на сообраќајно насилство, во војна која се одвива на нашите улици, војна во која е нормално луѓе да бидат убивани и повредувани. Не смееме тоа да го прифатиме“, велат тие.

Организаторите бараат од властите да стават акцент на превентива.

„Правењето на улиците побезбедни за луѓето е толку едноставно, што треба да биде казниво дело ако вашиот град не го прави тоа!“ Концептот Визија нула подразбира дека една човечка жртва во сообраќај е премногу. Колку жртви и одземени животи се потребни/доволни/премногу за нашите власти конечно да се заангажираат да направат промена? Што нашите 10 скопски општини и Град Скопје планираат после црниот месец на сообраќајни удари и одземени животи“, пишуваат од НаТочак.

Оттаму нагласуваат дека продолжувањето на оваа епидемија треба да го запали алармот и кај Обвинителстово и Судовите.

„Несериозното третирање на убиствата во сообраќајот праќа многу лоша порака за (не)почитување на правилата. Законот за безбедност постои за да спречи убиства во сообраќајот. Непочитувањето на правилата при управување со двотонско возило може да доведе до убиство и така треба да се третира, не како обичен прекршок“, посочуват организаторите.

Рута на возење ќе биде објавена дополнително на Фејсбук настанот, а секој учесник треба да е претпазлив и вози на своја одговорност.