Утре вело-тура со која граѓаните ќе побараат вело-патека Охрид-Струга

Интернационалната полициска асоцијација (ИПА) – регион Охрид, утре (25 јуни), организира рекреативна велосипедска тура Охрид-Струга-Радожда, со која учесниците ќе побараат велосипедски да се поврзат двата града на Охридското Езеро.

„Возењето велосипед е љубов, потреба, незаборавна авантура и неповторливо доживување. Во време кога државите градат велосипедски автопати, редно е и во охридско-струшкиот регион на Македонија, да имаме безбедни вело патеки а не, да возиме покрај автомобилите, автобусите и камионите, ставајќи се во сериозна и опасна ситуација како ранлива категорија учесници во сообраќајот. Не сакаме повеќе жртви-велосипедисти на небезбедните патишта, на кои нема ни трага ни глас од современи вело патеки“, вели Стефан Димоски, претседател на ИПА-Охрид.

Стартот е закажан во 08.30 часот од градското пристаниште во Охрид, ќе се вози по крајбрежјето на Охридското езеро, по стариот пат од Охрид до Струга каде, по средбата со струшките велосипедисти, се продолжува кон Калишта, хотелите „Бисер“, „Изгрев“ и „Макпетрол“ до Радожда.

Од ИПА – Охрид велат дека со утрешното велосипедско возење прават обид и за промовирање на овие атрактивни туристички дестинации.

„Со оваа вело возење, сакаме да ги поттикнеме двата крајезерски града-идеални места за велосипедизам, конечно и сериозно да пристапат кон проект за меѓусебно велосипедско поврзување со современо уредена, безбедна и функционална велосипедска патека означена со хоризонтална и вертикална сообраќајна велосипедска сигнализација. (…) Да упатиме порака до локалните самоуправи и другите институции, повеќе да се заложат, велосипедското поврзување Охрид-Струга, да стане реалност. Охрид и Струга како туристички центри во Македонија, треба многу повеќе да направат за ширење на мрежата на велосипедски патеки што силно ќе ги подигне на балканските и светските вело туристичките мапи, ќе се збогати туристичката понуда, ќе се привлечат многу повеќе туристи  што е и огромен бенефит за охриѓани, стружани, за хотелско-туристичките работници, за „рент а бајк“ агенциите  но и туристите од Македонија и светот“, додава Димоски.

На претстојната-втора вело тура Охрид-Струга-Радожда, ќе учествуваат и велосипедисти од ИПА регионите Скопје и Прилеп како и велосипедистите Александар Стојков и Лазо Миноски од Скопје кои, заедно со велосипедистите Владимир Секулоски и Кирил Марковски, кон крајот на март годинава, ја реализираа вело турата „Вера 2022“ и возеа околу 3000 километри низ Македонија, Србија, Хрватска, БиХ, Црна Гора и Албанија.

Организаторите ги покануваат сите граѓани и велосипедисти да им се приклучат во вело-турата.