Online Критична маса: Мојата црвена велолинија

Организирано од страна на иницијативата #НаТочак, веќе од 23 јуни е отворен конкурсот за испраќање на видео материјали за учество на Онлајн Критичната маса.  Конкурсот ќе биде отворен до 30 јуни, а #НаТочак  дадоа неколку предлози што може да се направи во име на желбата за заедничко возење.

Црвени Велолинии е име на кампањата која #НаТочак ја започна со 7 организации од 7 градови со цел да се скрене вниманието на политичарите кон недостатокот на велосипедски политики, стандарди и инфраструктура.

„До скоро се надевавме дека ситуацијата со коронавирусот ќе се нормализира пред крај на јуни и ќе можеме да ја возиме јунската Критична Маса пред изборите паралелно во неколку градови и да пратиме силна порака. Но ситуацијата е далеку од нормализирана“, соопштуваат од иницијативата.

Оттаму ги повикуваат граѓаните да возат велосипеди во текот на оваа недела и да ја испратат својата вело-порака преку фотографија. Истовремено, сите заинтересирани можат да фотографираат локација која би сакале да се промени,  да ја потпишат петицијата , да ги искомуницираат #ЦрвениВелолинии со локалните политичари или пак да допишат која е нивната црвена велолинија за овие парламентарни избори.