Офф-роуд со велосипед: само по средени регионални патишта и со добра подготовка

Повеќедневните офф-роуд тури со велосипед се пред сè забава и дружење, при што целосно се ужива во природата и убавините на местата низ кои што се вози. Сепак, за тоа е потребно да се внимава на опремата што се користи и личната безбедност. Како искусна велосипедистка, разговаравме со Мартина Николовска која за РадиоМОФ сподели неколку совети за оние што сè уште се двоумат дали да започнат велосипедска тура.

Николовска неодамна ја заврши 11-дневната велосипедска авантура од Љубљана до Охрид, долга 1337 километри, заедно со уште четворица учесници.

Според неа, за ваков подвиг, основно е да имате исправен велосипед.

„Во зависнот од турата постојат точаци за возење по земја или оф-роуд и роуд-бајк точаци за возење по асфалт“, вели таа.

„Во однос на потребите, постои основна опрема која содржи: кацига, лепенки, пумпа, резервни гуми – која мора да се поседува за личната безбедност. Понатаму, постои опрема за повеќедневни патувања во која спаѓаат: бисаги торби и слични помагала за олеснување на патувањето“, појасни Николовска.

Сепак, при ваквите тури, потребно е соодветно „гориво“ со цел велосипедистот да не изгуби премногу енергија, особено ако вози во летни, или зимски периоди. Прво и основно што е најпотребно, вели Николовска, е да се носи вода која треба да се има во секоја пригода.

„Освен водата треба да се поседуваат ситни суплементи како магнезиум витамини во прашок или таблети електролити ситни парчиња енергетска храна, најчесто на база на јаглехидрати, суво овошје“, забележува таа.

Но, кога некој ќе одлучи да вози со велосипед низ земјата, тоа не смее да го прави по автопатите, бидејќи е казниво со закон, ниту пак е безбедно.

„Велосипед може да се вози по регионални патишта кои за македонски услови се добри за возење. Македонија поседува солидни асфалтни поврзувања, но се далеку од добри европски стандарди“, смета Николовска.

Што треба да знае секој велосипедист кој сака да вози надвор од градот?

Со оглед на тоа дека таа доаѓа од Битола, нејзина честа рута е јужниот крај.

„Најчесто се движам на нашата најпозната планина Пелистер, а исто така возам по регионални патеки накај Прилеп-Охрид, преку Галичица, Крушево, Лерин, Вигла во Грција“, .

„Имам повеќе омилени рути меѓутоа ќе ја издвојам Дебар-Маврово како најомилена ради шареноликоста на природата и убавините на мијачките села“, додава таа.

Оваа велосипедистка ја препознава потребата од велосипедски патеки и во рамки на градот.

„Големиот број на возила не овозможуваат безбедно движење, човек мора да се движи меѓу колите и покрај нив, а возачите не внимаваат премногу на велосипедската култура на движење. Патеки од пола метар од десната страна би биле одлично решение“, смета Николовска.

Нејзина препорака е доколку некој одлучи да започне велосипедска тура, тоа да не го прави сам. Покрај ова, во случаи кога некој не може да продолжи да вози, другите совозачи би требало да останат со него се додека не биде згрижен.

Како најголем предизвик за неа се временските непогоди, бидејќи како што вели, возилата знаат да го попречуваат безбедното возење. Исто така и техничките проблеми може да се очекуваат насекаде, но според неа, не се кобни.

„Нека бидат храбри и нека се осмелат, но нека бидат внимателни и нека ги почитуваат правилата и принципите на повеќедневните тури. Искуството е прекрасно“, препорачува Николовска.

Емилија Петреска