Што треба да знае секој велосипедист кој сака да вози надвор од градот?

Претстојниот период е одлична прилика за поискусните велосипедисти да тргнат на нова авантура по свој аранжман, стекнувајќи се со искуство плус, но и уживајќи во природната убавина што ни ја нуди земјата. Сепак, тоа не бара само волја, туку и познавања на одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот, во делот за велосипедизам.

Токму затоа, Радио МОФ побара информации и совети од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, кои можеби ќе послужат некому што се уште се двоуми дали да се спакува и да го „запали“ точакот.

Па така, согласно Законот за безбедност на сообраќајот – ЗБСП, не е предвидена посебна дозвола за стекнување со право за управување на велосипед. Велосипед на пат може да управува лице кое наполнило десет годишна возраст, додека во зона на смирен сообраќај, велосипед може да управува лице помало од десет годишна возраст во придружба на лице постаро од 16 годишна возраст.

Согласно истиот закон, полициски службеник може да му забрани на лице да управува со велосипед на јавен пат, доколку е очигледно дека тоа не е подготвено за тоа.

Во однос на опремата, од РСБСП велат дека велосипедистот задолжително треба да има светло во бела боја на предната страна, како и катадиоптeр со црвена боја или рефлектирачка лента на задната страна и по еден катадиоптер со жолта или портокалова боја на секоја страна.

Исто така, Законот не наметнува задолжителна обврска за користење на опрема за пасивна безбедност, но ја нагласува потребата возачот и лицата кои се превезуваат со велосипед да носат заштитен шлем на главата за време на возењето на патот, како и потребата ноќе и во услови на намалена видливост возачот и лицата кои се превезуваат со велосипед, да носат рефлектирачки елек.

Она што е особено важно и на што РСБСП посебно укажува, е тоа што секој велосипедист треба да има во предвид дека користењето на опрема за пасивна безбедност е наменета пред се за нивна лична безбедност и секој велосипедист треба да користи оваа опрема.

„Возачот на велосипед може да се движи само по оние сообраќајни површини каде што е дозволено. По автопат, експресен пат и на пат резервиран за сообраќај на моторни возила, не смеат да се движат велосипеди“, нагласуваат од РСБСП.

Исто така, додаваат тие, на магистрален и регионален пат не смее да се врши оспособување на лица за управување со велосипед.

Во спротивно, на возачот ќе му се издаде прекршочен платен налог со глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност.

Затоа, пак, движењето на велосипедистите надвор од сообраќајните површини како планински предели, ливади, поле и слично не е регулирано со ЗБСП и не е во доменот на сообраќајот.

Од РСБСП наведуваат дека секој кој сака да учествува во сообраќајот со својот велосипед, мора да ги почитува и следните правила и прописи:

  • Возачот на велосипед е должен да се движи што поблиску до десниот раб на коловозот, доколку постои велосипедска патека – по велосипедска патека, односно лента. Ако двајца или повеќе возачи на велосипед се движат во група, должни се да се движат еден по друг.
  • Ако на патот постои посебно уредена велосипедска патека, возачот на велосипед се движи по десната велосипедска патека, во однос на правецот на движењето на сообраќајот.
  • На велосипедски патеки уредени и обележани за сообраќај на велосипеди во двете насоки, велосипедистите се движат по десната страна во правецот на движењето на возилата.
  • – 25 km/h е максимално дозволена брзина за  велосипеди, кога се движат по велосипедска патека или лента.
  • Возачот на велосипед е должен да управува со возилото на начин на кој не се намалува стабилноста на возилото и не се попречуваат другите учесници во сообраќајот, а особено не смее да ги симнува рацете од управувачот, да се придржува за друго возило, да превезува, влече или турка предмети што можат да го попречуваат управувањето со возилото или да ги загрозуваат другите учесници во сообраќајот.
  • Деца до 14 годишна возраст не смеат на велосипед да превезуваат други лица.
  • На велосипед смее да се превезува дете до осум годишна возраст, ако на велосипедот се вградени едно или повеќе посебни седишта пред, или зад возачот.

 Дополнителни одредби од ЗБСП кои се однесуваат на велосипедистите и нивното учество во сообраќајот: 

  • Во сообраќај на патот велосипед смее да влече приколка со две тркала, под услов да биде така прицврстена, да не се намалува стабилноста на возилото. Приколката не смее да биде поширока од еден метар, а вкупната маса не може да биде поголема од 50 kg и на задната лева страна, задолжително треба да има по еден катадиоптер со жолта или портокалова боја.
  • На велосипед, како и во приколката што ја влече велосипедот, не смеат да се превезуваат предмети пошироки од еден метар.
  • Возач на велосипед, за времето додека управува со возилото не смее да води животни.
  • На приколка што ја влече или потиснува велосипед, како и во товарен сандак на велосипед, не смеат да се превезуваат лица.

Радио МОФ ве поттикнува да ги споделите вашите размислувања и искуства на темата.