Од викендов нема возила на Водно – возен ред на бесплатните автобуси

Од денеска почнува забраната за движење возила на патот до Средно Водно која ќе важи секој викенд и за време на државните празници. Забраната ќе важи во еден правец, од клучката за Сопиште до Средно Водно и од паркингот кај манастирот „Свети Пантелејмон“ до Средно Водно.

Градските власти мерката ја воведуваат за заштита на природните убавини на Водно и просторот за рекреација. Таа ќе важи од 9 до 16 часот. Оваа забрана нема да се однесува на автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП), возилата на полицијата, противпожарната бригада, итната медицинска помош, возилата на штабовите за итни интервенции, како и на возилата со посебни одобренија.

Истовремено со забраната Градот воведе две нови пробни автобуски линии што ќе сообраќаат по принципот на шатл-линии, односно, автобусите ќе се полнат со патници на почетната станица и ќе возат без застанување до Средно Водно. Едната автобуска линија ќе тргнува од пред катната гаража на улицата Свети Кирил и Методиј (спроти Макпетрол), а втората ќе тргнува од паркингот кај Цветниот пазар (Дом на печат).

Покрај 2. (двете) нови пробни автобуски линии, граѓаните ќе можат непречено да ја користат и постојната автобуска линија – линијата со број 25 до Средно Водно.

Возењето на овие три автобуски линии (25, 25А и 25Б) на почетокот ќе биде бесплатно. Во пресрет на граѓаните, Градот Скопје обезбеди и бесплатно паркирање во катната гаража на улицата „Свети Кирил и Методиј“ и на паркингот кај Цветен пазар (Дом на печат).