Од денеска карпошани повторно може да аплицираат за субвенции за велосипед

Од денеска, понеделник, 28 мај, почнува вториот турнус на Општина Карпош за аплицирање за субвенции за купување на нови велосипеди за карпошани.

Советот на локалната самоуправа одобри дополнителни 360.000 денари финансиски средства од буџетот на Општината кои ќе бидат на располагање за оваа намена. И овој пат, важи истиот принцип на „ прв дојден , прв услужен“, се до целосно исцрпување на предвидените средства.

Сите заинтересирани можат да поднесат документи кај координаторот на проектот Марко Петрушевски, во Секторот за екологија и енергетска ефикасност, (кој се наоѓа на вториот кат во ОУ „ Лазо Трповски“). Апликантите  треба да понесат со себе оригинал фискална сметка со сметкопотврда од велосипедот купен од денешниот датум натаму, заклучно со денот до кога акцијата ќе трае, како и копија од лична карта и копија од трансакциска сметка.

Општина Карпош ќе субвенционира 20 отсто од вкупниот износ на новиот купен велосипед, или  максимум 3.000 денари од  цената на купениот велосипед.

Како што истакна и градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев, со субвенционирањето при купување на нови велосипеди, се стимулираат карпошани активно  да користат велосипеди, со што,  ќе се придонесе за намалување на загаденоста на амбиенталниот воздух, а со тоа и ќе се унапреди заштитата на животната средина.

Првиот повик за субвенционирање на велосипеди Општина Карпош го распиша во април, по што следуваа и повиците на Општина Центар и Град Скопје.