Новите еко-автобуси на скопските улици дури на крајот од годинава

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов денеска го потпиша договорот со Европската Банка за обнова и развој (ЕБОР) за заем во вредност од 10 милиони евра за набавката на нови еко автобуси на гас во Скопје. Дополнителни 1,8 милиони евра ќе бидат обезбедени од Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) и 1,1 милион евра преку грант за техничка соработка во подготовката на проектот.

Со потпишувањето на овој договор и официјално почнува постапката за набавка на овие автобуси со кои ќе треба да се подобри јавниот превоз во главниот град.

„Ова е прва набавка на автобуси за Јавното сообраќајно претпријатие ЈСП Скопје после 7 години што претставува релативно долг временски период кога е во прашање обновата на возниот парк на ЈСП. Очекувам дека најдоцна до крајот на оваа година по скопските улици ќе се возат нови еко автобуси на еколошко гориво, со CNG технологија на компримиран гас со ЕУРО 6 стандард на загадување. Овие автобуси ќе ги исфрлат од употреба старите дотраени дизел автобуси на ЈСП, со ЕУРО 2 стандард, без клима и дополнителна опрема“, вели Шилегов.

Две третини од новите автобуси ќе бидат нископодни зглобни – дводелни, а останатите ќе бидат единечни, информираше градоначалникот, додавајќи дека предноста на зглобните автобуси е што имаат капацитет да превезуваат речиси двојно повеќе патници од двокатните и многу побрзо патниците да влегуваат и излегуваат од автобусите.

„Во рамките на техничката соработка која ни ја овозможува ЕБОР освен стручната подготовка при набавката на автобуси ќе се работи и на унапредување на оперативните и финансиски перформанси на ЈСП, реорганизација на автобускиот превоз преку стратегија за реструктурирање и помош на градот во подготовката на акцискиот план за зелен град“, додава Шилегов.

Одлуката за набавка на ваков тип автобуси во Градот Скопје ја донеле по спроведените тест возења на 3 различни модели на автобуси на гас и еден електричен автобус во текот на минатата година. Резултатите од тест возењата покажале дека ваквиот тип на автобуси се еколошки, енергетски ефикасни и економски исплатливи и речиси и да не го загадуваат воздухот, потрошувачката на гориво им е сведена на минимум, а се релативно евтини за одржување.