Новинар застрелан за време на пренос во живо во Доминиканската Република

Двајца радио новинари биле застрелани пред работното место во Доминиканската Република. Едниот од нив во моментот се јавувал во живо преку Фејсбук пренос, при што видео стримот бил веднаш прекинат.

Луис Мануел Медина, презентер на емисијата Миленио Калиенте, починал за време на преносот. Продуцентот и директорот на радио станицата, Лео Мартинез, бил застрелан во својата канцеларија во радиото ФМ 103,5.

Истрели можеле да се слушнат за време на видеото пренесувано на Фејсбук, а жена извикувала исплашено дека некој пука, пред преносот да биде итно прекинат.

Секретарката на радио станицата Дајаба Гарсија била исто така повредена во нападот, при што била пренесена во болница на итна операција.

Од полицијата велат дека двојното убиство се случило во Сан Педро де Макорис, мал град источно од Санто Доминго. Тројца мажи биле приведени, но немало докази за ниту еден од нив да биде тужен. Полицијата вели дека се уште немаат најдено мотив.

Миленио Калиенте е популарна радио емисија позната по својата живописна политичка анализа и социјалните кампањи. Во изминатите недели, новинарот Медина постојано го критикувал загадувањето во Лагуна Мален, заштитено езеро во Сан Педро.