Нобеловката Аунг Сан Су Чи осудена на уште пет години затвор поради корупција

Судот во Мјанмар ја осуди поранешната лидерка Аунг Сан Су Чи на уште пет години затвор поради корупција, јави агенцијата „Франс прес“, повикувајќи се на извори блиски до судскиот случај.

Во овој дел од судењето, 76-годишната добитничка на Нобеловата награда за мир беше обвинета за примање поткуп од 600.000 долари и повеќе од 11 килограми злато од поранешен функционер во регионот Јангон. Таа ги негира сите обвиненија.

Сан Су Чи беше соборена со државен удар во февруари минатата година и оттогаш издржува затворска казна.

Таа претходно беше осудена на шест години затвор.

Безбедносните сили на Мјанмар убиле повеќе од 160 демонстранти и уапсиле околу 13.000 луѓе во државниот удар на 1 февруари, според податоците на локалните невладини организации.