Поранешната премиерка на Мјанмар Аунг Сан Су Чи осудена на уште четири години затвор

Суд во Мјанмар денеска ја осуди поранешната премиерка Аунг Сан Су Чи на уште четири години затвор, според извори запознаени со судската постапка, јавува германската агенција „ДПА“.

Таа беше обвинета за кршење на ограничувањата за коронавирусот и за поседување нелиценцирани токи-воки. Наводно, Су Чи ги прекршила законите за телекомуникации и увоз-извоз.

Новинарите и јавноста беа исклучени од судењето, па оттука реакцијата на Су Чи не е позната. Против неа се покренати 12 случаи, а експертите велат дека може да се соочи со вкупна затворска казна од повеќе од 100 години.

Во првата пресуда во декември, поранешната премиерка беше осудена на четири години затвор за поттикнување немири и кршење на ограничувањата за коронавирусот.

Воената власт во Мјанмар потоа и ја намали казната на две години. Не е јасно дали Су Чи ќе ја отслужи казната во затвор или ќе и биде дозволено да остане во домашен притвор.

Су Чи беше уапсена на 1 февруари минатата година, неколку часа пред војската да ги собори демократски избраните лидери во земјата.

Инаку, претходно има поминато 15 години во домашен притвор, а стана шеф на владата во 2016 година.

Поранешната премиерка на Мјанмар Аунг Сан Су Чи осудена на четири години затвор