Поранешната премиерка на Мјанмар Аунг Сан Су Чи осудена на четири години затвор

Судот во Мјанмар ја осуди поранешната премиерка на цивилната влада Аунг Сан Су Чи на четири години затвор за поттикнување бунт и прекршување на здравствените мерки поврзани со Ковид-19.

Су Чи, која е добитничка на Нобеловата награда за мир, беше симната од власт во воен пуч во февруари оваа година.

Пред само една година нејзината партија Национална лига за демократија имаше голема победа на изборите, по што Су Чи требаше да го отслужи вториот петгодишен мандат на чело на државата по децениската власт на војската во оваа азиска држава.

Војската потоа организираше пуч на 1 февруари, во кој беше уапсена Су Чи и многу нејзини соработници. Мјанмар од тогаш е во општествена криза, после краток период на стабилност.

Кариерата на Су Чи беше одбележана со неколку големи успеси, како добивањето на Нобеловата награда, но и со голем број критики и обвиненија, најмногу во врска со нејзиниот однос кон муслиманското малцинство Рохинџи во земјата.

По нејзиното апсење во Мјанмар се организираа голем број протести на кои граѓаните бараа ослободување на Су Чи и враќање на демократската власт.