Војската во Мјанмар ги забрани сателитските антени

Државната телевизија во Мјанмар, која е контролирана од армијата, соопшти дека се воведува забрана на сателитски антени во земјата под изговор дека надворешните телевизии се закана по националната безбедност.

Истовремено генералите кои ја презедоа власта во пучот извршен во февруари, во кој ја уапсија премиерката Анг Сан Су Чи, осудија и јапонски новинар за ширење лажни вести, пренесе Ал Џазира.

„Сателитската телевизија повеќе не е легална. Секој кој ќе го прекрши законот за телевизии и видео, особено луѓето кои користат сателитски антени, ќе биде казнет со една година затвор и казна од 500.000 кјати (320 долари). Нелегалните медиуми пренесуваат вести кои ја поткопуваат националната безбедност, владеењето на правото и јавниот ред и ги охрабруваат оние кои вршат предавства“, соопштија на националната телевизија.

Мјанмар по пучот се наоѓа во кризна ситуација, а безбедносните сили убија повеќе од 760 луѓе во пресметките со демонстрантите кои се противат на воената власт. Армијата претходниот период го скрати пристапот до мобилен интернет, ги затвори независните медиуми и апсеше новинари. Најмалку 50 медиумски работници во моментов се во притвор.

И покрај силниот притисок од воената власт, во земјата и понатаму продолжуваат протестите и маршевите за демократија.

Вчера во Мандалеј, вториот најголем град во земјата, протестираа вработените во образованието кои повикаа на бојкот на училиштата и универзитетите кога тие повторно ќе почнат со работа во јуни.