Седум ученици убиени во Мјанмар по напад врз селско училиште од владината воена хунта

13 луѓе, меѓу кои седум ученици, се убиени откако владини хеликоптери извршиле напад на училиште во северниот дел на Мјанмар.

Ова е најсмртоносниот напад врз деца откако воената хунта ја презеде власта во земјата минатата година, велат од училишната администрација и хуманитарните организации.

Училишната администраторка, Мар Мар (чие име е изменето поради опасност за нејзината безбедност), изјавила дека се обидела да ги одведе учениците на безбедно место кога два владини хеликоптери, кои го надлетувале селото Лет Јет Коне, започнале напад. Според неа од хеликоптерите се пукало со автоматско оружје врз училиштето во кое имало 240 ученици и се наоѓа во будистички манастирски комплекс.

Обединетите Нации досега регистрирале вкупно 260 напади врз училишта и наставници откако војската ја презеде власта во Мјанмар во пучот во која беше срушена владата на премиерката Анг Сан Су Чи во февруари минатата година. Во последниот напад се регистрираат најголем број на убиени ученици досега.

Мар Мар додава дека не очекувале никакви проблеми, бидејќи хеликоптерите летале над селото и претходно без никакви инциденти.

„Бидејќи учениците немаат направено ништо лошо, никогаш не ни помислив дека би можеле да бидат брутално убиени од автоматско оружје“, изјавила таа.

Додека таа, учениците и наставниците се обидувале да најдат засолниште во училниците, еден од наставниците и 7-годишен ученик веќе биле застрелани во вратот и главата.

„Продолжија да пукаат во објектот од воздух цел час. Не застанаа ниту минута. Единствено што можевме да го правиме во тие моменти беше да рецитираме будистички мантри“, рекла Мар Мар.

Според нејзиното сведоштво, кога престанал воздушниот напад 80 војници влегле во манастирскиот комплекс и започнале да пукаат во објектите. Војниците потоа наредиле на сите во комплексот да излезат од објектите. Мар Мар вели дека видела околу 30-тина ученици со рани на нивните грбови, лица и други делови од телото. Дел од учениците останале и без екстремитети.

„Децата ми кажуваа дека нивните другари умираат“, вели Мар Мар, додавајќи дека дел од повредените ученици ѝ рекле дека имаат толку многу болки што сакале да умрат.

Нападот и жртвите го потврдил и новинскиот вебсајт „Мјанмар Сега“, како и други независни медиуми во земјата.

Ден по нападот, државниот весник „Мјанма Алин“ информираше дека безбедносните сили извршиле проверка на селото, откако добиле дојава дека членови на Народната одбранбена војска се кријат на тоа место.

Според Асоцијацијата за поддршка на политички затвореници, чие седиште е во Тајланд и ги мониторира човековите права во Мјанмар, најмалку 2.298 цивили се убиени од воената хунта по пучот.