Противниците на воената хунта во Мјанмар прогласија своја влада

Противниците на воените власти во Мајнарм прогласија своја влада на национално единство, во која ќе членуваат пратеници, лидери од протестното движење и припадници на етничките малцинства, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

„Ве молам да ја поздравите народната влада“, рече активистот Мин Ко Наинг во неговото видео обраќање, најавувајќи формирање влада на национално единство.

Тој рече дека спроведувањето на волјата на народот од ноемвриските избори е приоритет на владата, како и стекнување меѓународна поддршка и признание.

Истовремено, медиумите наведуваат дека владата на национално единство објавила список со министри, каде се вклучени и членови на етничките малцинства, како и од лидерите на протестното движење. Со тоа се истакнува дека демократското движење и малцинските заедници кои бараат автономија имаат заеднички цели во борбата против централистичките воени власти, пишуваат медиумите.

Во Мјанмар од 1 февруари кога се случи државниот удар, секојдневно се одржуваат демонстрации, на кои досега, според информациите од невладините организации се убиени повеќе од 700 луѓе.