#НизТвојотОбјектив – Избор фотографии од Филип Златев

#НизТвојотОбјектив овој пат го следи фото апаратот на Филип Златев, студент по компјутерски науки во втора година при  Универзитетот на Југоисточна Европа.

„Во изминатите две години открив длабока страст за фотографијата, страст која што ја имав неколку години и пред тоа, но тоа стана реалност од кога го зедов мојот прв апарат во раце. Со отворен ум и мојот апарат во рака тргнав на некое фотографско патување каде доловував моменти како што доаѓаат без никакво ограничување во мојот стил на фотографирање. Сепак, природата и животните имаат посебно место во моето срце, честопати служејќи како главни субјекти во моите фотографии. Она што започна како хоби денеска беспрекорно се вклопи во мојот живот, станувајќи нераскинлив дел од мојот креативен израз“, вели тој.

Златев додава дека во моментов започнува мала пауза со фотографирањето, па оттаму со нас одлучи да ги сподели некои од неговите омилени фотки што ги има сликано во последните две години. Паузата, вели тој, ќе ја искористи за обновување на инспирацијата и приготвување за нови предизвици и проекти што ги планира во иднина.

„Фотографијата за мене преставува момент, момент кој се доловува само еднаш и раскажува многу приказни кои што зборовите не можат да ги изразат”, открива Златев.

Радио МОФ започна со рубриката #НизТвојотОбјектив со цел да отвори можност за изразување, промовирање и поврзување на фотографи. Секој четврток објавуваме фотографија или фотографии од еден автор.

Сите заинтересирани за објавување, своите фотографии може да ни ги пратат на info@radiomof.mk, заедно со кратка биографија и кусо објаснување за контекстот на фотографијата. Фотографиите треба да опфаќаат различни општествени теми како екологија, дискриминација, цензура, млади, маргинализација, корупција, незадоволство и секојдневното живеење.