#НизТвојотОбјектив – „Сиви мугри“ од Глориа Малинова

Денес во нашата фото-рубрика ви го претставуваме објективот на фотографката Глориа Малинова која твори во сферата на ликовното изразување и фотографијата како главно поле на емоционална експресија.

„Главна појдовна точка за фотографирање ми е идејата и целта за достигнување на одреден ефект во уметничката фотографија. Инспирација ми се луѓето, секојдневието, природата и мистичноста како одредена главна атмосфера во моите фотографии“, вели Малинова.

Како визуелен уметник цели при секоја фотографија да доживее одредена приказна и да достигне некоја емоција. Тоа, како што раскажува, најчесто го достигнува со уредување на секоја избрана боја која носи своја симболика за да ја долови атмосферата.

„На овие избрани фотографии владее пастелен колорит и монохроматика како најдобар избор на дадениот мотив. Оваа тематика е приказ на симболика прикажана преку маска, која е дефиниција на можноста да избереме како да ја искористиме и толкуваме нашата слобода во било која улога“, забележува фотографката за циклусот „Сиви мугри“.

„Големината на трагата на уметникот е поголема од моментот на создавање на самата уметност“, вели Малинова.

Радио МОФ започна со рубриката #НизТвојотОбјектив со цел да отвори можност за изразување, промовирање и поврзување на фотографи. Секој четврток објавуваме фотографија или фотографии од еден автор.

Сите заинтересирани за објавување, своите фотографии може да ни ги пратат на info@radiomof.mk, заедно со кратка биографија и кусо објаснување за контекстот на фотографијата. Фотографиите треба да опфаќаат различни општествени теми како екологија, дискриминација, цензура, млади, маргинализација, корупција, незадоволство и секојдневното живеење.