#НизТвојотОбјектив – Циклус фотографии од Јована Петрушевска

Овој пат во рубриката #НизТвојотОбјектив ви претставуваме фотографии од Јована Петрушевска, ученичка од средното уметничко училиште „Лазар Личеновски“ во Скопје.

Таа ни открива дека интересот за фотографирање ѝ се родил пред четири, пет години, додека претходно сметала дека ја интересираат само бои.

„Фотографијата за мене е композиција, напнатост, светлина, боја и најважно чувство. Чувство во врвовите на прстите и во градниот кош. Не можам секогаш да објаснам што е тоа и од каде доаѓа, но постои. Во универзумот постои момент каде што сè што тече се порамнува во една брановидна линија која допира и поврзува илјадници, тоа е моментот кога ја вадам камерата и кликнувам на копче што ја сплетува во светот засекогаш. Имаше многу случаи во текот на годините кога само стоев да му се восхитувам на тој момент, бев во совршен агол во вистинско време од денот за да го посведочам овој проток на композиција и долго го правев токму тоа и се восхитував на неговата природа. Дури кога почнав да заборавам на овие композиции почнав да имам желба да ги доловам и да ги споделам со оние околу мене. Не сакав да ги заборавам“, вели младата фотографка.

Вели дека понекогаш ги фотографира своите пријатели на забава, или странци на улица, понекогаш тоа се непријатни моменти, а некогаш детската соба или стикер на улица во град за кој не сме сигурни дали ќе го посетиме пак.

„Еднаш чувството светна за начинот на кој мојата пријателка стоеше со нејзиниот партнер и сè што можев да помислам е како сакам да го доловам тоа во фотографија. Не сфатив до подоцна дека снимив расправија и спомен кој веројатно таа не би сакала да го памти. Понекогаш чувството не може да се објасни, а понекогаш се открива покасно, понекогаш чувството е она што ние сакаме да биде“, опишува Петрушевска.

Радио МОФ започна со рубриката #НизТвојотОбјектив со цел да отвори можност за изразување, промовирање и поврзување на фотографи. Секој четврток објавуваме фотографија или фотографии од еден автор.

Сите заинтересирани за објавување, своите фотографии може да ни ги пратат на info@radiomof.mk, заедно со кратка биографија и кусо објаснување за контекстот на фотографијата. Фотографиите треба да опфаќаат различни општествени теми како екологија, дискриминација, цензура, млади, маргинализација, корупција, незадоволство и секојдневното живеење.